Академик Коцарев: Многу сили во Македонија и во ЕУ водат света војна против македонството; НЕ за промена на Уставот, ДА за ЕУ

Дали Македонците имаат право на своја колективна меморија или таа треба да биде обликувана од другите држави? Ова го прашува претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, во својата најнова колумна објавена во весникот „Нова Македонија“. Текстот всушност е негово обраќање по повод меѓународната конференција „Историските личности во историјата и во колективната меморија“, организирана од Институтот за национална историја, која се одржува во МАНУ од 6 до 8 ноември 2023 година.

-Едно сениште кружи низ Македонија – сеништето на македонството. Многу сили во Македонија и во ЕУ направија сојуз за света војна против македонството – тој сојуз е притаен, добро воден, меѓусебно оркестриран и меѓународно синхронизиран, медиумски сестрано помогнат, а во исто време, за да се намалат неговата видливост и неговата снага, во Македонија се промовираат бесмисленост, апсурд, неукост, алчност, апатија, промена на Уставот, од една страна, додека, пак, од друга страна, сите што барем малку ќе проговорат за македонството се етикетираат за националисти, предавници и лажговци. Меѓутоа, за разлика од оние што инсистираат на промена на Уставот во Македонија, јас се вџасувам и се згрозувам од фактот што, во демократска Европа, во 21 век, воопшто, како граѓанин на оваа моја земја, јас сум принуден да избирам меѓу овие две опции, пишува акладемикот.

Тој децидно посочува: „Мој избор, без колебање, е: НЕ за промена на Уставот и ДА за ЕУ“.

-Кога станува збор за Македонија, ќе подвлечам дека сегашниот однос на дел од политичарите, но и на дел од историчарите, кон македонството предизвикува вознемиреност, затоа што таквиот однос ја исклучува иднината од минатото, ставајќи ја таквата иднина надвор од историскиот сензибилитет. Дисциплината историја постои под претпоставка дека нашето минато, сегашност и иднина се поврзани преку одреден континуитет на човечки искуства.
Оттука, иднината може да се замисли со помош на истите способности, капацитети, моќи, кои овозможуваат да го замислиме минатото. Денес Македонија се наоѓа во противречна и конфузна состојба – за европска иднина за нас, треба да замислиме иднина без нас. Во книгата со наслов „Светот без нас“, авторот Ален Вајсман нуди оригинален пристап кон прашањата за влијанието на човештвото врз планетата: тој бара од нас да ја замислиме планетата Земја без нас.

Меѓутоа, јас никако не можам да ја замислам Македонија без Македонците, па затоа посакувам Македонците да се обединат околу градењето достоинствена иднина, во која македонството ќе биде нашето суштествување, а Чуповски, Мисирков и Делчев – нашите корифеи, напишал академикот.

Целата колумна на Коцарев може да ја прочитате ТУКА.

Претходна вестТешки националистички провокации од навивачите на Шкупи: Скопје ќе биде срцето на Албанија!
Следна вестДемократски сојуз: Го осудуваме великоалбанскиот шовинизам и величењето на „Голема Албанија“