Еден од најдобрите пливачи во историјата на Македонија, маратонецот Евгениј Поп Ацев е избран за член во „Куќата на славните за маратонско пливање“ (IMSHOF). „IMSHOF“ објави дека тој ќе стане нејзин член на следниот собир во мексиканскиот град Канкун, во мај 2024 година.
– Најголема чест и привилегија е да се биде во ,,Куќата на славните за маратонското пливање”(IMSHOF) во друштво на најголемите имиња во историјата на светското пливање. Посебно сум среќен и горд што правејќи го тоа што најмногу го сакам и пливајќи за Македонија имам придонесено и оставено белег во светот на маратонско пливање. Многу сум благодарен на (IMSHOF) за номинацијата, изборот и за ова големо признание од ваква голема светска организација. Исто така и на сите што беа дел од мојата пливачка кариера и подржуваа во изминативе 20 години, напиша Евгениј Поп Ацев, на својот Фејсбук профил.
Евгениј Поп Ацев во 2015 и во 2017 година триумфира на светската гранпри-серија за маратонско пливање, а во 2019 година беше најуспешен и на ултрамаратонската серија на ФИНА. Во својата кариера настапи на 106 трки од светска класа во 21 држава. Девет години во низа завршуваше на подиумот во генералниот пласман. Неговата маратонска кариера траела од 2007 до 2021 година, а победил на трки во шест држави.
Официјалната негова промоција во Куќата на славните за маратонско пливање ќе биде на 18 мај 2024 година, во Канкун, Мексико.