Македонската метропола Скопје денеска ја одбележува 79 годишнина од ослободувањето на 13-ти ноември 1944 година по тешките битки кои партизанските единици ги воделе со германските фашистички окупатори. Во таа борба животите ги положија 426 партизански борци, од кои 8 биле жени, а загинаа и бројни цивили. Делегации од институции и организации ќе оддадат почит и ќе положат цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел на Алејата на заслужните граѓани во Бутел и на споменикот „Ослободители на Скопје” на платото пред владината зграда, а најавени се повеќе манифестации, работилници, изложби, промоции…
Детски културен центар „Карпош“ ја организира традиционалната манифестација „Го градам мојот град“, а Дирекцијата за култура и уметност работилници на темите „Скопје, европска културна престолнина“ и „Минатото на Скопје се сеќава, а иднината на Скопје го запознава какво што некогаш било. За да го сака уште повеќе онакво какво што е сега“.
Во Градската библиоитеката „Браќа Миладиновци“, пак, ќе биде промовирана книгата „Книжевна мапа на Скопје“ од Моника Илкова, во централната зграда на националната Пошта ќе биде отворена изложбата од конкурсот „Скопје на новата генерација”, во организација на Јуроп Хаус Скопје.
Традиционално, Град Скопје ќе ја додели наградата „13 Ноември“ на физички и правни лица чија цел е промовирање на константните вредности во науката, уметноста, здравството, културата, образованието и спортот.
Во историските сведоштва е забележано дека во Втората светска војна Скопје беше окупирано од фашистичка Бугарија, која беше сојузник со Хитлерова Германија. Петтата бугарска фашистичка армија на 22 април 1941 година влезе и го окупира Скопје. Под своја власт го држеше градот сè до 9 септември 1944 година, за кои години беа извршени бројни убиства и злосторства врз цивилното население, како и врз македонските патриоти, борци за слобода и партизани. Потоа, градот беше во рацете на германската фашистичка армија.
Во ослободувањето на Скопје учествуваат Дванесеттата, Третата, Осмата и Шеснаесеттата македонска бригада, додека градот го бранеа единиците на 22-та гренадирска германска дивизија (47-иот и 65-тиот полк) и делови од 11-тата воздухопловна десантна дивизија и други групи од разни единици. Пред Качаничката клисура била распоредена германската тврдинска бригада „Ангермилер“. Се проценува дека јачината на германските единици во Скопје биле сили на повеќе од една дивизија. Тука не се сметаат балистичките единици кои ги имало доста на број и биле распоредени на подножјето на Скопска Црна Гора и во селата околу Матка.
Борбата за ослободување на Скопје отпочнува утрината на 12–ти ноември 1944 годин во јужниот дел на градот. Додека единиците на македонската војска брзо напредуваат низ борби по улиците, окупаторот се повлекува до порано утврдените згради. Третата македонска бригада која настапувала од правецот од Кисела Вода, се пробила до центарот каде го совлада отпорот на Германците. По заземањето на зградите дојде до кејот, каде што води борба за мостовите. Делови од 12-тата и 3–тата бригада отпочнаа борба за железничката станица и Кранговата палата, а главните сили на 12-тата бригада водеа борба за зградата на Учителската школа и Поштата. Така, во текот на 12 и 13 ноември се развија жестоки борби. Одделни згради, како на пример Поштата, по неколкупати преминуваа од раце в раце. Во овие борби голема улога имаат диверзантските групи од градот. Веднаш по продорот на единиците на македонската војска, тие се појавија и ненадејно ги нападнаа Германците в грб. Потоа се поврзаа со единиците и вршеа улога на водачи, кои точно го познаваа градот и организацијата на германската одбрана.
50-тата дивизија и 8-та бригада, ги започнаа нападите со извесно задоцнување. Претпладнето на 12 ноември тие отпочнаа со нападите на германската одбрана на источниот дел од градот. 16-тата бригада која успеа да разбие неколку балистички групи, што ја напаѓаа при нејзиното спуштање од Скопска Црна Гора, на 12 ноември попладне, го отпочна нападот на касарните. Така, обрачот се повеќе се стеснувал околу германските сили.
Ноќта меѓу 12 и 13, и на 13 ноември борбите продолжиле низ цело Скопје. Меѓутоа, германските сили, што беа во северниот и во североисточниот дел на Скопје, како и во деловите на западниот дел на градот, успејаа да се извлечат под заштита на тенкови и да отстапат во правецот кон Качаник. Германците што останаа забарикадирани во разни згради, почнаа постепено да капитулираат. Најдолго се држеа во Учителската школа и Поштата, кои капитулирале дури доцна во ноќта на 13 ноември, по што следува чистење на градот од одделни помали заостанати групи.
Брзите и силни напади на македонската војска, како и дејствувањето на 20-тина диверзантски групи составни од по 3-4 лица, кои ги пресекуваа телефонските и телеграфските кабли, ги спречија Германците да ги разурнат минираните згради што ги бранеа, како и мостовите во Скопје. Со пресекување на каблите, тие го спречија минирањето и на Камениот мост. Исто така, по жестоки борби било спречено да ја минираат и хидроцентралата Матка. Со помош на ударните групи на месното население, македонската војска успеа да ги разбие балистите и Германците и со тоа да ја сочува хидроцентралата, како и Скопје од евентуална поплава. Со сето тоа веќе на 13-ти ноември главниот град конечно беше ослободен и во рацее на македонската војска. Во градот пристигнаа членовите на Президиумот на највисокиот орган на македонската држава, Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македнија (АСНОМ), на ГШ на НОВ и ПОМ и раководствата на голем број општествено – политички организации. Потоа, почна организирањето на животот, обновата и развојот на градот кој не го заборава денот кога стана слободен.