Јавниот градски превоз во Скопје плаче да биде надограден, подобрен. Со години добива ветувања, ама ништо од тоа иако дури имаше и целосно готови проекти.
Сепак, сега, проектот за Брз автобуски превоз во Скопје деновиве тргна по двегодишното чекање во постојката кај градоначалничката Данела Арсовска кај што беше „паркиран“ заради отстранувањето на пропустите. Во наредниве денови ќе се види како ќе оди негова реализација со оглед на дилемите коишто ги повлекува правењето на овој капитален зафат.
Најважни за расчистување се прашањата за средишното булеварско зеленило и за стабилноста на главната водоводна цевка која поминува под него. Актуелното градско раководство се уште молчи околу сите детали на трасата, но се чини дека таа ќе биде неизбежна да оди по централниот дел од најпрометните булевари – „Партизански одреди“, „Кочо Рацин“, „Кузман Јосифовски – Питу“, „Јане Сандански“… Односно, дека за да се направи двосмерна траса по која непречено ќе се движат брзите автобуси ќе биде неопходно да се искорне постоечкото средишно зеленило.
Дали така ќе се направи или ќе се бара друго решение?
Ако се одземе централниот дел тоа ќе значи дека Скопје ќе остане без цели 40.000 метри квадратни зеленило, колку што е негова површина во рамките на долгите жардињери направени по средишните делови на булеварите. Со тоа, во градот значително ќе се намали и вкупната површина под зеленилото во градот којашто изнесува околу 4,5 милиони метри квадратни. Односно, и натаму ќе се намалува процентот на зеленилото на градското подрачје кој сега изнесува само 24 проценти, од кои 6 отсто се јавни зелени простори, а 15 проценти се дрвја.
Колку за споредба, во европските градови на зелените површини им припаѓа околу 40 проценти од нивната урбана територија. Тогаш, не е за чудење податок дека по глава на жител во Скопје има по по околу 12 метри квадратни зеленило, а европски стандар е околу 25 квадрати.
Од до сега покажаните симулации се гледа дека долж новата автобуска траса се планира подигнување на нови дрвореди. Но, и таму се гледа дека тие ќе бидат недоволни како компензација на сегашното зеленило.
Оттаму, дали навистина средишниот дел од булаварите е најдобро решение за новата траса или таа можела да оди и покрај тротоарите, со што зеленилото би се сочувало?
Од друга страна, прашање е што ќе се направи за стабилноста на главната водоводна цевка долж средишниот дел на булеварот „Партизански одреди“: Градоначалничката Данела Арсовска деновиве најави дека сега се прави испитување на незјината стабилност која не е испитана цели 60 години откако е поставена.
Прашања и дилеми, очигледно, има многу со оглед на промените и последиците коишто ги носи реализација на овој проект. Тие треба што побрзо, но и аргументирано да се расчистуваат.