Нов здравствен потфат на милијардерот Бил Гејтс. Имено, фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ инвестира 23,6 милиони долари во американската биотехнолошка компанија „Микрон биомедијал“ за развој на масовна примена на вакцини без употреба на инјекции.
Новата технологија се базира на примена на вакцини со фластери со растворливи микроиглички. Технологијата долго време ја поддржуваат глобалните здравствени експерти поради нејзиниот потенцијал да го зголеми опфатот со вакцинација против смртоносни болести.
Полесно е за транспорт и администрирање од традиционалните вакцини, особено во посиромашните земји, каде што вакцинирањето на децата останува предизвик. Сепак, зголемувањето на производството е пречка.
Во тест-вакцинацијата на возрасни и новороденчиња во Гамбија оваа година технологијата на „Миркон“ за вакцина против сипаници и рубеола се покажа како безбедна и ефикасна како и традиционалната и произведе сличен имунолошки одговор.
Инаку, милијардерот Бил Гејтс пред извесен период насочуваше големо внимание и пари во борбата против пандемијата на коронавирусот. Но, фондацијата „Бил Гејтс“ беше критикувана од многумина дека е премногу моќна и влијателна во глобалното здравје, вклучително и Светската здравствена организација, без да преземе соодветна одговорност.