Постои насилство во основните училишта, а што го потврдуваат 43,4 отсто од учениците, покажало истражувањето „Правата на децата во нашите училишта“ на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Народниот правобранител и Министерството за образование и наука (МОН).
Податоците од истражувањето од проектот „Децата на 1. место“ , кој почна на 16 јануари 2023, а ќе трае до 15 јануари 2026, денеска ги презентираше Елизабета Марковска-Спасеноска, а говореше и Васка Бајрамовска-Мустафа, државна советничка и раководителка на Одделот за заштита на правата на децата при Народниот правобранител. Денеска се одбележува Светскиот ден на детето.
-Загрижувачки е фактот дека од вкупно 648 вклучени ученици во истражувањето, 298 ученици или 46 отсто изјавиле дека биле жртви на насилство. За најголемиот дел од учениците (40,7 отсто), најчест облик на насилство е вербалното насилство, по што следуваат телесното повредување и емоционалната злоупотреба, рече Елизабета Марковска-Спасеноска.
Васка Бајрамовска Мустафа од Канцеларијата на Народниот праавобранител, рече дека насилството е се уште присутно и зазема сериозни замави во училиштата.
-Добро е тоа што децата го препознаваат, меѓутоа, недоволното е тоа што не се доволно охрабрени да ги пријавуваат ваквите насилства. Како жртви на насилство се јавуваат и машките и женските деца, меѓутоа загрижувачки се причините зошто настануваат ваквите булинзи или насилства кои наместо да практикуваат дијалог во надминување на проблемите го практикуваат насилството, нагласи Бајрамовска – Мустафа.
Според сите три групи испитаници, еднакво и момчињата и девојчињата се јавуваат како жртви на врсничко насилство. Според учениците, дете што најчесто е изложено на насилство е повлечено/интровертно дете, потоа дете што потекнува од сиромашно семејство , па дете со попреченост. Доминантен профил на сторители на насилство се децата од богато семејство, додека пак според наставниците и родителите, тоа се хиперактивните деца.
Во однос на реакцијата на надлежните во училиштата во случаите на насилство, наставниците и учениците, имаат различни ставови. Имено, повеќе од една третина од учениците (37,2 отсто) сметаат дека одговорните служби во училиштето не реагираат целосно соодветно и навремено на случаите на насилство.