Јанушев прашува дали МВР набавило опрема за следење на сите граѓани, Спасовски одговори дека тое е шпекулација

Дали МВР има издадено одобрение за ултра скандалозната набавка за системот со кој се овозможува следење на комуникациите на кој било телефонски уред, беше пратеничко прашање кое денеска го постави Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ. На седницата на која се поставуваа пратенички прашања тој го запраша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дали се набавува систем со кој се овозможува и се дава можност да се има пристап на целокупниот интернет-сообраќај што се одвива во државава, и  тоа на кој било уред, преку кој било оператор.

-Станува збор за систем за следење комуникации преку кој имате можност за пристап до буквално целиот интернет-сообраќај на кој  уред, телефон, оператор, без разлика дали тоа е приватно или службено во државава, како и можност за пристап до кој било уред, односно телефон со т.н. малициозен софтвер. Има сериозни индиции дека сте запознаени со предметот на набавката и сте имале увид во техничката спецификација, рече Јанушев.

На ова министерот Спасовски одговори дека тое е шпекулација.

-Шпекулација е дека се следат разговори на сите, се следат само оние за кои има судска наредба. За сите прашања кои сте ги поставиле до МВР испратен е писмен одговор и за едното и за второто. Сето друго е класифициран податок. Тоа не е моја набавка, за да се прават вакви набавки има надлежни институции, тоа не е набавка на МВР. Единствено нешто што е целосна шпекулација и лага е тоа дека некој може да ги следи сите, следењето за сите беше до 2017-та година кога следевте 20 и кусур илјади луѓе, кога милион и кусур разговори завршија во јавност, кажа Спасовски.

За јавноста, како што рече, следењето во овој момент е само врз основа на судски нареди и ништо повеќе, за оние за кои имаат индиции дека учествуваат во кривични дела и за нив се добива судска наредба и се следат.

Тој додаде дека Јанушев веројатно мисли на друга набавка.

– Веројатно мислите за набавката којашто треба да ја прави Оперативно техничката агенција не МВР. Ако мислите за таква набавка преземени дејствија итн., имате комплетно доставена документација до Комисијата за сите прашања, вклучително и за овие коишто сега ги поставувате. Од моја страна имате доставено писмени одговори до Комисијата и тие ги знаете. Ова е класифицирана информација и повеќе информации не може да се изнесат, истакна министерот Спасовски.

Претходна вестНесреќа на авто-плац, тешко повреден маж
Следна вестВо третото тромесечје негативен природен прираст од минус 294 лица