Одбојкарската репрезентација на Македонија по втор пат ќе настапи во Златната лига, по ланското деби и пласманот на 11-то место меѓу 12 селекции. Победник беше Турција. На состанокот во седиштето на Европската одбојкарска конфедерација ЦЕВ) во Луксембург, се одржа ждрепката за составот на групите и на термините на одржување на турнирите во Златната и во Сребрена лига во 2024 година.
Форматот на натпреварувањето е променет во однос на претходните изданија и ќе се одржува во три, односно четири викенди, со завршниот фајнал-фор турнир чиј домаќин повторно, трета година по ред, ќе биде Хрватска, од 15 до 17 јуни.
Една од причините за воведување на новата формула е да се намалат трошоците за патувања, како и да им се овозможи на сите земји учеснички да ги промовираат своите репрезентации на домашен терен.
Македонија ќе биде домаќин на турнирот од 17 до 19 мај 2024-та и ќе игра против селекциите на Чешка и на Естонија. Следниот викенд, од 24 до 26 мај, Македонија ќе настапи на турнирот во Белгија, зааедно со домаќинот и со селекцијата на Азербејџан. На третиот викенд, од 31 мај до 2 јуни, Македонија ќе игра против домаќинот Хрватска и Шпанија.
Турнир 1, во Македонија
17 мај: Македонија – Естонија
18 мај: Чешка – Естонија
19 мај: Македонија – Чешка
Турнир 2, во Белгија
24 мај: Азербејџан – Белгија
25 мај: Македонија – Азербејџан
26 мај: Македонија – Белгија
Турнир 3, во Хрватска
31 мај: Македонија – Хрватска
1 јуни: Македонија – Шпанија
2 јуни: Хрватска – Шпанија