Голем македонски деец: Димитар Поп-Георгиев Беровски ги водеше Разловечкото и Кресненското востание, даваше отпор на грчката црковна власт и на бугарската Егзархија…

Уште во 19 век македонскиот народ дигал силни востанија за слобода. Две големи востанија – Кресненското и Разловечкото – се посебно значајни и имаат особено место во историјата на македонскиот народ. Иако завршени со неуспех, тие беа најголема најава на тоа дека Македонците се решени и со вооружена борба да се ослободи од турското ропство и да додје до национална и секоја друга слобода.

Во тие востанија посебна улога имаше Димитар Поп – Георгиев Беровски, македонски национален деец и револуционер. Тој ја имаше една од клучните раководни улоги и во двете востанија.

Роден на 22 мај 1840 година во Берово, во свештеничко семејство, тој се образувал Берово, Солун, а и на Духовната академија во Одеса. Животниот пат потоа го носи и во Белград каде во 1861 учи во Воено училиште, а две години потоа станува и подофицер во српската војска. Но, две години потоа, се враќа во Берово каде почнал да работи како учител и кога започнал со националната револуционерна дејност и ја предводи борбата за отфрлање на црковната власт на грчката Цариградска патријаршија и за обновување на Охридската архиепископија. Во тој период македонскиот деец дава силен отпор и на претензиите на бугарската Егзархија.

Во 1875 година тој ја насочува својата активност кон политичката борба како единствен начин за разрешување на македонското прашање. Таа година тој во Солун основал Таен револуционерен комитет за кревање востание, а во средината на април 1876 година, во селото Разловци било одржано советување на кое било донесено решение за кревање востание во Малешевско. За главен војвода и водач на востанието бил избран Димитар Попгеоргиев – Беровски, а тоа требало оттаму да се шири и да прерасне во општонародно Македонско ослободително востание. Според замислата, ова востание требало да се подигне на терените на Малеш, Струмичко, Петричко и Мелничко. Меѓутоа, поради непредвидени моменти, востаниците предводени од Димитар Поп Георгиев – Беровски и селскиот поп Стојан биле принудени својата вооружена акција да ја кренат предвреме. Востанието било кренато на 7/20 мај 1876 година во селото Разловци, по кое и го добива своето име – Разловечко востание. Востаничките акции биле продолжени во Кочанско, но обидот, востанието да се прошири и да прерасне во општонародно востание не успеал. Востанието останало локално, главно на просторот на Малешевско и бргу било задушено, а во еден судир со османската војска и турскиот башибозук тој бил ранет.

Но, ова не значело дека македонскиот херој се откажува од своите идеали. Одлуките на Санстефанскиот договор (3 март 1878 г.) за вклучување на Македонија во Бугарија, како и решението на Берлинскиот конгрес (заседавал од 13 јуни до 13 јули 1878 г.) за враќање на Македонија под Султанот, не ги исполнил очекувањата на Македонскиот народ. По ваквата неправда разочараниот македонскиот народ пак се одлучил за кревање на востание.

Тогаш, здружените востанички и доброволечки чети на чело со свештеникот Стојан Карастоилов, охридскиот митрополит Натанаил Кучевишки и учителот Димитар Поп Георгиев Беровски се огласиле во селото Кресна, во долина на реката Струма во Пиринскиот дел од Македонија, почнувајќи акции чија крајна цел била извојување слободна и независна македонска држава.

Околу 400 востаници, предводени од Димитар Поп Георгиев – Беровски и војводата Стојан Карастоилов, го нападнале селото Кресна, каде што се наоѓала османлиската касарна. Притоа ја зазеле касарната и ослободиле неколку места каде што била создадена народна власт. Главните подготовки за кревање на востанието биле водени од повеќемина видни Македонци-учители, трговци,свештеници итн. Најангажирани во подготовките биле охридскиот митрополит Натанаил Кучевишки и познатиот македонски револуционер учителот Димитар Поп Георгиев Беровски кој бил назначен за началник на штабот, а прв војвода на четите бил поп Стојан Карастоилов. Во востанието со своја чета учествувале и познатиот македонски борец и прв македонски историчар Ѓорѓија Пулевски и војводата Кара Тодор од Тетово, познат како „страв и трепет за башибозукот”. Востаниците брзо ги ослободиле и селата Влахи, Оштава и Ново село, а востанието ја зафатило и областа Каршијака, десно од реката Струма. Веднаш по востанието било формирана полициска управа. Во сите ослободени места била воспоставена народна власт, а народот без разлика на националната и верска припадност, бил целосно ослободен од сите даноци. По ослободувањето на Кресна, востанието се проширило во околината и подалеку во Мелничко, Демирхисарско (Пиринска Македонија), Малешевско, Пијанечко.

-Нашата цел на Македонското востание не е никаква тајна. Таа е ослободувањето на Македонија, земјата на славните словенски просветители и учители св. Кирил и Методиј, која со векови страда под турското иго. Затоа секој што не се бори за нејзиното ослободување, туку си прави своја сметка – за него нема место во востанието…, пишуваа востаниците.

Востаниците користеле и свој печат на кој има напис „Македонско востание“, најдолу годината „1878“, а во средина стои „Печат на началникот на штабот“.

Востанието траело повеќе месеци, се проширило на поголема територија во Пиринскиот дел на Македонија и во најисточните делови од Вардарскиот дел на Македонија, но завршило откако почнало да се случува бугарско влијание со кое е практично уништено  раководството на востанието. На крајот на април 1879 година, османската војска ја завладеала целата слободна територија.

Во 1895 година, Димитар Попгеоргиев – Беровски е еден од оснивачите на Македонското добротворно друштво „Македонија“ во Ќустендил. По создавањето на Македонската Револуционерна Организација неговиот дом станува база на Организацијата. Тој соработувал со Гоце Делчев во организирањето тајни канали за пренесување оружје и во организирањето на изработката на бомби во Осоговската Планина.

Овој голем македонски револуцинер, починал на денешен ден, пред 117 години, на 19 декември 1907 година во село Долна Грашница. Споменот на него се чува меѓу македонскиот народ…

Претходна вестМицкоски: ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничката Влада за да се бори против поткупот
Следна вестКавадарчанец одбива помош ако не се спасат и неговите кучиња