По синоќешното одбележување на Бадник според новиот Грегоријански календар, денеска католичките верници го слават Божик. Празнуваат и припадници на христијански протестантски цркви, како и дел од православни цркви. Католичкиот Божиќ се слави секоја година на 25 декември и, заедно со Велигден, се смета за најголем и најрадосен христијански празник.
По повод празникот Рождество Христово, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов упати божиќна честитка во која се наведува следното:
Драги браќа и сестри!
„И Словото стана тело и се всели меѓу нас“ се зборови на свети Иван евангелист, што многу често ги изговараме во молитвата Ангел Господов. Станува збор за божественото Слово, Логосот, Синот Божји, кој е единосуштен со Отецот и кој е поврзан со Него во единството на Светиот Дух. Ова Слово, кое е од векови и според кое е создадено сè што живее и постои, се воплоти и се всели меѓу нас. Бог ја зеде човечката природа и стана еден од нас за да ни биде блиску и да не поврзе уште поблиску до себе, откако по наша вина се оддалечивме од Него. Бесмртниот Бог ја зеде човечката природа, зеде лик на слуга, за да нè направи негови синови и ќерки, кои бевме слуги на гревот и поради кои бевме предадени на смртта.
Бог доаѓа во светот како Дете. Дали ќе го примиме Божјиот Син? Дали ќе го примиме Детето Исус кое се наоѓа во јаслите и кое сака да нè обдари со својата љубов? Можеби ќе кажеме: Тоа секако го правиме, затоа што го празнуваме празникот Рождество Христово – Божиќ! Но, примањето на Исус бара повеќе: Треба вистински да веруваме во Спасителот на луѓето. Верата е непоколебливост на нештата на кои се надеваме, убедување во работи што не ги гледаме. Верата значи прифаќање на сведоштвото на Бога кој не сака и нема да нè изневери, бидејќи Бог е вистински и свет. Кој верува, тој се надева на Бога безусловно. Тој е подготвен да му го даде животот, да се потопи во него со сите нишки на неговото срце. Дали сме подготвени за таква вера во воплотениот Божји Син?
На сите ви посакувам среќен празник Рождество Христово – Божиќ и благословена Нова Година!
Христос се роди!
Божик денеска го слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква, кои го прифатија Грегоријанскиот календар. Преостанатиот православен свет, кој се води според Јулијанскиот календар, меѓу кои и Руската, Српската и Македонската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и дел од монасите на Света Гора, Божик ќе го одбележат на 7 јануари.