Директорот на Центарот за управување со кризи и прв човек на партијата „Достоинство“, Стојанче Ангелов, изјави дека крстот на Попова Шапка нема да биде рушен откако Општина Тетово објави дека е донесена одлука за негово уривање. Тој се надева дека на најавениот протест против изградбата на крстот ќе има многу малку луѓе.
– Со оглед на досегашната динамика на рушење на бесправно изградени објекти во Тетово и Тетовско, крстот на Попова Шапка никогаш нема да дојде на ред.
Во меѓувреме, за граѓаните на Тетово далеку покорисно би било кога градоначалникот Касами, наместо со крстот на Попова Шапка, би се зафатил со чистење на натрупаното ѓубре во градот. Да живееш под преубава планина, а да дишеш отров, е парадокс од невидени размери. Затоа наредната работа што му ја препорачувам на градоначалникот Касами е да се зафати со барање долгорочно решение за надминување на штетите и опасностите од загадениот и канцероген воздух, кој секојдневно го дишат жителите на овој регион, вели Ангелов.
Тој додаде, дека најавениот протест против крстот на Попова Шапка, кој треба да се одржи во пресрет на Нова година, в петок во Тетово, меѓу другото, ќе покаже колкумина наши сограѓани Албанци ќе покажат непочит кон нас православните Македонци. Ангелов се надева дека нивниот број ќе биде мал.