Формирање посебна комисија на гинеколошкото одделение која темелно ќе го разгледа случајот со новороденчето на семејството Дамјановски и ќе ги испита причините како дошло до скршеницата на раката кај бебето, најави директорката на Клиниката за гинекологија Викторија Јовановска.
Родителите претходно во изјава за порталот „Скопје1“ тврдеа дека персоналот се обидувал да го прикрие случајот како и дека не им било дозволувано да го видат своето дете.
-Комисијата треба да го разгледа целиот случај. Треба да види што ќе каже гинеколошката екипа, а што педијатриската екипа, да се утврди што и како се случувало. Случајот мора да се провери, секогаш кога родителите не се задоволни, односно кога реагираат и кога има немил настан. Секогаш на тие истории се прават проверки за да се види да не има грешка кај персоналот, вели директорката Јовановска за „Скопје1“.
Но, Јовановска тврди дека биле запазени сите медицински протоколи. Појаснува дека во периодот на набљудување стандардна процедура е да не се откриваат информации во реално време на родителите. Со случајот, тврди, била запозната веднаш откако педијатрите изразиле загриженост за отечената рака на бебето.
Според неа, по породувањето не можело да се утврди дали станува збор за скршеница бидејќи немало оток но откако се појавил веднаш била направена рентген снимка која ги потврдила сомнежите. Според Јовановска причина била лошата поставеност на бебето и дека во таква ситуација станува збор за предвидена компликација која не се случува често.
Родилката Анета Дамјановска, која била породена на 31 декември не можела да си го види бебето бидејќи докторите не и дозволувале. Нејзиниот сопруг Благојче Дамјановски посочува дека бил избркан од Клиниката за гинекологија и акушерство кога, како и сите родители, побарал да си го види своето бебе. Според неговите кажувања, по низа инсистирања, само мајката успеала да отиде кај бебето, кога и било и кажано дека тоа има скршена рака.