Колку време е потребно за да се провери дали некое лице ги исполнува условите за функцијата за која се предлага? Десетина минути, неколку часови, ден, повеќе дена…?
Во случајот на македонската влада со именувањето на новиот прв директор во М-НАВ излезе дека и многу време да се има пак ќе се згреши. Затоа и власта го повлече предлогот Илир Мехмеди да биде нов директор кратко откако и укажаа од надвор дека тој не ги исполнува условите.
Што гледаа во Владата и што проверуваа кога предлагаа ? Имаа 4 дена за мислење, за контролирање, преиспитување…
Зарем не се виде веднаш дека Мехмеди нема владина дозвола за контролор за летање ниту, пак, има најмалку шестгодишно работно искуство како контролор? Вака ли со површност ќе се средува хаосот во контрола на летови?
Самото ова доволно зборува за хаосот, за несериозноста во кадровската политика којашто се води од страна на Владата. А цело време се колне ва давањето на предимство на професионалците и експертите.
А јавноста очекуваше дека за 4-те дена откако ја најавија седницата со точна на дневен ред за Контролата за летови ќе се видат и многу други аномалии и нелогичности.
На пример: Зошто на оваа државна фирма со 304 вработени и се потребни дури тројца директори – прв, втор и трет?
Не се разгледа ова?
Тие тројца менаџери се меѓу најплатените функции во државата со месечната бруто плата (како што обзнанија медиуми) и до 6.100 евра. Не може таа фирма да ја води еден директор?
Има и друга дилема: Како, се дозволи толку важна институција да ја штити-обезбедува приватна фирма?
Има натрупано многу прашања. Владата во изминативе години не направила ништо кога се работи за поставувањето на вака одговорна државна компанија на стабилни и безбедни нозе. Напротив. Тоа значи дека промените мора да започнат со нечие „летање“ и надвор од Контролата за летање. На пример од Владата, има таму лица на кои треба да им се стават „крила“.