САД и Велика Британија извршија напади врз цели поврзани со Хутите во Јемен, потврдија официјални лица. Ова се први такви напади врз позициите на Хутите кои се поддржани поддржани од Иран, откако групата почна да ги напаѓа меѓународните бродови кои пловат во Црвеното Море, пренесува „Ројтерс“.
Нападите на САД и Велика Британија врз Јемен беа насочени кон воените капацитети на Хутите и се обидоа да избегнат колатерална штета, а дејствијата на Хутите претставуваат закана за САД и за целиот свет, изјавија американски официјални лица.
Тие потврдија дека ударите биле извршени од авиони, бродови и подморници.
За нападите беа користени ракетите Томахавк лансирани од бродови и борбени авиони. Целите на Хутите вклучувале логистички центри, системи за противвоздушна одбрана и складишта за оружје.
Лидерот на Хутите, Мохамед ал Бухаити, се закани дека САД и Велика Британија „наскоро ќе сфатат“ дека нападите врз Јемен се „најголемата глупост во нивната историја“.
– Америка и Британија направија грешка кога започнаа војна против Јемен бидејќи немаа корист од нивните претходни искуства, напиша тој на Икс. – Секој поединец на овој свет е соочен со два избора, да застане или со жртвите на геноцидот или со неговите извршители, додаде тој.
На телефонски брифинг со новинарите, висок американски функционер рече дека сè уште немало никаков воен одговор од командантот на Хутите.