Претседателот Стево Пендаровски e во Давос, Швајцарија. Таму ќе учествува на многу важни дебати во рамки на 54-от Годишен состанок на Светскиот економски форум. Македонија сигурно ќе има многу придобивки од тоа.
Но, граѓаните имаат и една мака која Пендаровски треба да ја решава тука – во земјава. Хаосот и понижувачкото менување на личните документи уште трае иако имаше други ветувања.
Дали уште трае и „расипаниот телефон“ меѓу премиерот Димитар Ковачевски и шефот на државата Стево Пендаровски? Поминаа шест дена откако двајцата рекоа дека ќе го бараат решението. Се разбраа ли кој што треба да направи околу овој голем проблем кој всушност самата власт го направи?
Ковачевски го прозва преку медиумите Пендаровски да стапи во контакт со грчка претседателка за да обезбеди согласност за продолжување на рокот за промена на македонските пасоши, Ковачевски денеска изјави дека „се уште чека на тоа“. Но, на ова брзо стаса и одговорот преку соопштение на шефот на државата кој демантира дека Претседателот презел некаква обврска.
Ја расчистија ли сега дилемата кој што треба да направи? Пак ли само преку соопштенија и медиумите ќе си разменат „искричења“?
Премиерот како поодговорен за оваа работа – уште ли разговара и со некои од министрите, за што кажа пред некој ден?
Рокот кој власта ултимативно го наметна истекува за нешто повеќе од дваесетина дена. Пасоши во кои стои омилениот збор на Владата – северна – немаат многу, многу граѓани и тоа без своја вина. Тие ќе имаат ограничување во движењата ако не се одложи наметнатиот рок.
Да, знаеме дека многу се важни разговорите кои ги прават по странство, ама двајцава функционери треба сега и меѓу себе да разговараат. И тоа за големиот проблем со ултимативното менување на личните документи.