Ангелов го храбри новиот спикер Митрески: Нема потреба од страв од ДУИ, стави го на дневен ред законот за бранителите

Десетина македонски бранители кои се воени инвалиди, како и петнаесетина семејства чиишто членови загинале во текот на воениот конфликт во 2001 година, никако да стасаат до правдата. Како да се заборавени од Македонија која ја бранеа.

Сите тие цели 23 години по крајот на воениот конфликт се уште не добиле правично обештетување. Патот до правдата ги водеше по судските лавиринти, но и таму не добија соодветно и правично обештетување. Нивната борба трае веќе околу 18 години, од кои 11 во времето кога Владата ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ и 7 години откако со владиниот кабинет управува СДСМ. Во двете влади беше и ДУИ.

Заложба да се исправи ова неправда ја презеде Стојанче Ангелов кои минатата година до Владата достави иницијатива за нивно соодветно обештетување. Но, и покрај позитивни сигнали, и фактот дека Ангелов е владин коалиционен партнер, Владата не ја прифати иницијатива и не донесе соодветна одлука. Ангелот смета дека проблемот е во противењето на ДУИ.

-Имаше расположение кај македонскиот дел од Владата, кај тогашниот премиер Зоран Заев и доскорешниот Димитар Ковачевски, но одлуката не се донесе. Според мене, причина е во несогласувањето на ДУИ со оваа иницијатива, изјави деновиве Ангелов.

По ова, тој неодамна со помош на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во македонското Собрание достави предлог-закон за измена на Законот за бранителите кој очекува да биде донесен. Но, тогашниот претседател на Собранието Талат Џафери не го стави на дневен ред.

-За жал, Талат Џафери не го стави на дневен ред со објаснување дека е „на превод“ иако предлогот има само еден член, вели Ангелов.

Тој сега го повикува новиот собраниски претседател Јован Митрески да го стави законот пред пратениците.

Господине претседател Јован, одважи се, стави го итно на седница на собранието овој предлог законот за дополнување на Законот за бранители кој што од иницијатива на Достоинство стана Предлог-закон благодарение на поддршката на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Да исправиме една горлива неправда што се провлекува повеќе од 20 години. Се работи за 15 – тина семејства на загинати бранители, загинати од раката на УЧК во којашто учествувашпе и сегашниот претседател на Владата Талат Џафери, како и десетина воени инвалиди. Стави го на дневен ред, а од пратеничката група на СДСМ и коалицијата да дадат поддшка. Верувајте, нема ништо да изгубите. Нема потреба од страв од ДУИ. Зарем нема да ви дадат поддршка да ја исправиме оваа неправда. Да има една светла точка на крајот на самиот мандат на овој пратенички состав во однос на македонските бранители, порача Ангелов во настап на ТВ Канал 5.

Инаку, обештетувањето кое се бара за сите овие случаи на македонски бранители е помало од еден милион евра.

Претходна вестМакедонија ќе одигра контролен натпревар против селекцијата на Чешка
Следна вестДКСК: Од 56 иницијативи за покренување постапка за крвично гонење ниту една не е процесуирана