Македонија никако да здивне од проблемите и недореченостите околу својот енергетски систем. Властите те сакаа огромниот ХЕЦ „Чебрен“ да го дадат на Грци на дури 60 години, те…
Сега најново збиднување е дека скопската когенеративна централа „ТЕ-ТО“ ќе била исклучена и потоа ќе се гради нова од страна на грчкиот инвеститор „Митилинеос“. Ова, денеска го изјави на брифинг вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
-„ТЕ-ТО“ ќе ја исклучиме затоа што е руска инвестиција. Наскоро ќе почне изградбата на гасоводот со Грција и ние повеќе нема да бидеме зависни од рускиот гас, рече Битиќи.
Тој не сакаше да открие други детали за соработката со нив и обезбедувањето парно греење за скопјани, бидејќи бил обврзан со безбедносен сертификат.
Битиќи ова го кажа како образложение на денешниот брифинг со новинарите околу предложените закони за стратешките инвестиции вообласта на енергетиката на кој присуствуваа уште и директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и директорот во ЕСМ Виктор Андонов.
Брифингот доаѓа како реакција на барањата на енергетските експерти од Здружението на инженерите кои побараа пратениците да не ги гласат законските предлози оти се штетни по земјата.
Најспорен е предлогот на законот за стратешка инвестиција на грчки „Митилинеос“, за гасната централа „Митилинеос“ со кој се предвудува на странците да се дададе државна помош (читај народни пари од Македонија) од 50 милиони евра за 5 години. Инаку, на „Митилинеос“ ќе му биде дадено големо парче државна земја во комплексот Железара во Гази Баба на користење од 30 години за 0,1 евро за квадрат, што е идентично со сумите што ги имаат околу 90 отсто од странските инвеститори во земјава. Државата ќе треба да му изгради пристапен пат. Од „Митилинеос“ се очекува да ја изгради централата за пет години и покрај електрична енергија, да произведува и топлинска енергија што би била за 40 отсто поевтина од сегашната.
– Со оваа топлина ќе се греат уште 35 илјади нови домаќинства и ќе се шири мрежата, истакна Битиќи. Инаку, струјата што би му ја продавал „Митилинеос“ на ЕСМ би била само 5 отсто пониска од берзанската.
Зошто Македонија не ја гради сама централата, како што беше и упорното барање на јавноста за ХЕЦ Чебрен, со цел државата да си ја сочува енергетската самостојност?
Од Владата велат дека многу се потрошиле пари за време на енергетската криза и затоа сега не може сама да ја гради когенеративната централа во „Железара“.
Вчера Здружението на инженери испратија писмо до сите пратеници со аргументи зошто не треба да ги гласаат предлог законите. Според нив, со вака скроен закон во ќар ќе бидат само Грците. Ќе им се дадат милионски суми, а за возврат ќе плаќаме 3 пати поскапа струја од таа што ја произведува ЕСМ.
На владината одлука остро реагира и професорот Трајко Славески:
-Дали сте нормални??!! Ќе го затварале ТЕ-ТО, затоа што бил руска инвестиција, и ќе го заменеле со грчки Митилинеос, кој нашите енергетски експерти го окарактеризираа како “втор Чебрен! Зошто не ѝ кажете на македонската јавност дека спорд Euractiv во Унгарија работат околу 700 руски компании, од кои стотина биле основани по започнувањето на руско-украинската војна? Исто така, во Германија при крајот на 2022 година, работеле 1713 компании во руска сопственост. Задача на државните функционери е првенствено да се грижат за заштита на интересите на сопствената држава (доколку како таква ја чувствуваат), а не да спроведуваат туѓи агенди на штета на виталните интереси на нашите граѓани, наведе тој преку социјалните мрежи.