Се чини скопјани пак ќе имаат проблеми со јавниот превоз. Се најавува дека градскиот превоз утре ќе застане – односно ќе има штрајк. Ова како што е соопштено следува откако вработените во ЈСП не ја добиле платата за јануари.
-Еве денеска е 15-ти февруари. Последниот законски ден за исплата за плата. Од утре УЈП ќе земе 0,03 проценти од нашето купче. Не се договоривме така со градоначалничката и директорот на ЈСП Скопје. Советот на Град Скопје си ја донесе одлуката и си ја заврши работата. Остана сега парите да се префрлат и платата да биде во редовен рок, рече Миќо Стојановски, претседател на Синдикатот на ЈСП.
Парите денеска не биле префрлени и поради тоа вработените во ЈСП одлучиле повторно да стапат во штрајк.
-Нема да работат ниту билетарите, ниту линиската контрола, ниту работилници, ниту возачите. Ова мора да престане. Каде ќе им оди душата на луѓето не им е јасно, додаде Стојановски во изјава за медиумите.
Нема плата, нема превоз, дециден е претседателот на Синдикатот на ЈСП. Бараат да има „редовна исплата на платите и ништо повеќе“.
Проблеми имаше и пред речиси половина месец, кога граѓаните кратко немаа (поради штрајк) па пак добија јавен градски превоз по вториот успешен обид за гласање на субвенциите за исплата на плати на вработените во јавното сообраќајно претпријатие.