Додека во Македонија има иницијатива и предлог Закон за оддалечување на обложувалниците и казината најмалку 500 метри од училиштата, во Албанија сличен Закон беше донесен пред неколку години, но денес вратен откако албанскиoт парламент го изгласа со 72 гласа „за“. Двајца социјалистички пратеници, поранешниот вицепремиер Ерион Браче и ексминистерот за внатрешни работи Фатмир Џафа, беа воздржани, додека опозициските демократи не гласаа.
Во услови на тензии, свирежи, транспаренти и блокирана говорница, предизвикани од пратениците на опозициската демократска партија, приврзаници на Сали Бериша и Газменд Барди, владејачкото мнозинство во албанскиот парламент го изгласа законот со кој се враќаат игрите на среќа-онлајн.
-Според новиот закон, оние кои сакаат да играат игри на среќа онлајн ќе треба да се пријават со својот идентитет во системите на обложувалниците, кои ќе имаат обврска да ги чуваат податоците на играчите три години. Додека циркулацијата на парите ќе се врши преку банкарскиот систем, јави албанска телевизија.
Додава дека игрите на среќа беа прогласени за нелегални на 1 јануари 2019 година, но и покрај тоа, „Албанците никогаш не престанаа да се обложуваат или да играат во казина, бидејќи оваа услуга се нудеше онлајн без никој да ја контролира.
Албанскиот премиер Еди Рама ова гласање го образложи со тоа дека после забраната, игрите на среќа продолжиле да се одвиваат на црно и дека повторното легализирање на оваа дејност ќе и помогне на албанската економија во време на енергетска и економска криза, потсетува телевизијата на изјавата на Рама.
На седницата, која траеше 15-на минути беа изгласани измени и дополнувања на неколку закони, меѓу кои и на законот за официјални празници.