Од каде дојдоа огромните бездомни кучиња во Скопје?

Скопје е преплавено од бездомни кучиња. Ги има насекаде, се шетаат по плоштадите, на улиците, во парковите… . Сликата за македонската метропола е баш онака  – селска.

А, да не споменуваме дека често, скоро секој ден, има и пријави за каснувања на луѓе од кучиња. Долги се списоците за тоа во билтените на Министерството за внатрешни работи. Кај многу скопјани веќе има страв од движење по градот особено ноќе.

Зошто надлежните не успеаја да го решат овој голем проблем? Па нели се формира и ЈП „Лајка“? Па нели ќе се подигнеше и свеста на граѓаните? Па нели…

Но, наместо намалување на бројот на кучињата скитници низ Скопје е очигледно дека ги има повеќе од порано. Ситуацијата станува алармантна.

Нема казни за неодговорни сопственици кои ги оставаат своите довчерашни миленици по улиците на кои брзо се размножуваат, нема казни за нечипираните кучиња, нема казни за оние кои од една општина ги оставаат кучињата на подрачјето на другата…

Сега пак, како да станува ептен воочливо – во Скопје како да се носат и кучиња од други места на Македонија и во главниот град се оставаат да „царуваат“ по улиците. Како инаку да се објасни дека пред ТЦ „Бисер“ среде Аеродром шетаат огромни планински кучиња? Се почесто гледаме низ градов големи кучиња кои се некакви си „миксови“ од овчарски кучиња со азијати, со шарпланинци… . Не ретко гледаме „хибриди“ на питбули и други борбени кучиња.

Ова дефинитивно не се кучиња кои се родиле и израснале на улиците во Центар, Карпош, Аеродром… . Ова дефинитивно станува алармантно и мора и полицијата да се вклучи во откривање на причините за ваквата појава. Треба да се заштити населението, но и самите кучиња оти ваквата состојба носи и случаи на свирепи пресметувања на граѓаните со кучињата.

Да, ЈП „Лајка“ се чини прави колку што може. Ама треба на претпријатието да му се зголемат капацитетите и да му се даде поголеми средства.

Да, и љубителите на животни делуваат и вдомуваат напуштени кучиња, помагаат и разни здруженија…

Ама што прават општините во град Скопје. Имаат тие некоја стратегија, па се се случува на нивните територии?

Регулативи околу овие работи има. Но, нема кој да ги спроведе.

До кога ќе биде така?

ПС. Се сеќавате ли кога пред извесен период сега веќе поранешниот премиер Димитар Ковачевски дури предложи да се побара помош од Брисел за справувањето со проблемот со бездомните кучиња? Но, тој освен што со право ги искритикува локалните власти, ја призна немоќта и на централната власт да делува дури и за ова прашање.

Смешно и срамно е за една држава и за кучиња помош од Брисел да бара. Но, воедно тоа е и многу, многу разочарувачко.

 

Претходна вестКрузер со 3.000 луѓе во карантин кај Маурициус поради сомневање за колера
Следна вестНа ,,Богодорица” запленети девет апарати за игри на среќа