Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска попладне објави дека парламентот ќе се распушти овој месец и дека земјата ќе оди на избори неколку месеци пред планираниот термин во септември.
Според неговата изјава парламентот ќе биде распуштен најдоцна до 22 март. После тоа претседателот на државата треба да ги распише парламентарните избори во рок од 30 до 60 дена. Тоа значи дека најдоцниот термин е кон среднината на мај.
Само три недели подоцна, на 9 јуни, Хрватите повторно ќе излезат на избори, тогаш за Европскиот парламент. На крајот на декември ги чекаат уште едни избори – гласањето во првиот круг за избор на претседател на државата.
Според она што го пишуваат хравтските медиуми поради православниот Велигден на 5 мај, најверојатно е изборите да се одржат на 12 мај.
Сегашните анкети покажуваат дека ХДЗ на Пленковиќ има поддршка од 25,2 отсто, опозициската Социјалдемократска партија 17,3. Потоа следи клерикалниот Мост со 8,7, татковнското движење со 8,5 и Можеме со 8,1 отсто.