Едногласно, со 82 гласа „за“, пратениците од власта и опозицијата дебеска го донесоа Законот за забрана на нефер трговски практики, со кој се очекува да се стави крај на нелојалната конкуренција во трговијата и со тоа да се намалат цените на основните прехрамбени производи.
Со усвојувањето и примената на законот, како што посочуваат од Министерството за економија, кое е предлагач на законското решение, се очекува да се влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на зголемување на квалитетот на производите.
-Законот се очекува да ги елиминира неоправданиот и непропорционалниот трансфер на економски ризик од еден трговски партнер на друг или да се наметне значителна нерамнотежа на правата и обврските на еден трговски партнер кон друг. Надоместоците кои сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и добавувач, кои сериозно влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика, посочуваат, меѓу другото, од Министерството за економија.
Според ресорното министерство, законот треба да донесе позитивни ефекти во работењето на добавувачите, купувачите и сите други оператори во различните фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.
Со законското решение се определува и колку процентуално може да изнесува максималниот рабат кој маркетите може да го бараат од производителите и добавувачите, кои сега надминуваат над 30-40 отсто од цената.
-Предвидена е листа на земјоделски и прехранбени производи каде што рабатот ќе биде ограничен на 10 отсто и во склоп на тоа ќе конкурираат меѓу себе синџирите на супермаркети што ќе влијае во намалување на цените, се вели во соопштението на ресорното Министерство за економија.
Првите ефекти од ова законско решение ќе се почувтствуваат дури наесен, производителите и трговците сега имаат рок од 6 месеци да ги усогласат договорите.