Заклучно со вчерашниот ден, четврток, 14 март, вкупно 4.859 лица извршиле увид на своите податоци во Избирачкиот список во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија (ДИК), информираа од таму. Притоа, барање за промена на податоците поднеле седум лица, 19 поднеле барање за запишување на своите податоци, а 5 лица поднеле барање за бришење на податоци од Избирачкиот список.
Преку електронски пат, во списокот до вчера се провериле вкупно 22.122 граѓани. Поднесени се 25 барања за промена на податоци, 6 барања за бришење на податоци и 10 барања за запишување на податоци во Избирачкиот список.
-По однос на пристигнати барања за регистрација на гласачи во дијаспората, ве информираме дека досега се пристигнати вкупно 1.451 пријави од кои 1.101 се прифатени, 159 се одбиени и 191 необработени пријави. Напоменуваме дека овие податоци се јавно достапни на веб страната www.dijaspora.sec.mk, велат од ДИК.
Јавниот увид во Избирачкиот список трае до понеделник, 18 март до 24 часот.