Студентите и раководството на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) денеска го изразија незадоволството од условите за студирање со мирен протест пред Владата, барајќи соодветен простор за работа. Под мотото „ФИНКИ нема зграда – учиме пред Влада“, студентите поставија импровизирана училница со цел да привлечат внимание за нерешните просторни услови и осумгодишното незавршување на предвидениот објект за оваа образован установа..
-На ваков начин сакаме да покажеме како треба да изгледа настава во еден факултет кој е од огромно значење за земјава и ќе продолжиме со напори да биде изграден посебен објект за овој факултет, изјавија претставници на Универзитетското студентско собрание на УКИМ.
Протестот следува по серија на заклучоци донесени од управата на ФИНКИ на седницата одржана на 18 овој месец. Во заклучоците, факултетот побара од Владата да донесе одлука за времено или трајно користење на објектот на КП бр. 1856, КО Карпош, без надомест, и да го задолжи Министерството за образование и наука да обезбеди соодветен простор и да изврши релокација на Бирото за развој на образование во рок од три месеци.
Од Бирото за развој на образование на ова барање на ФИНКИ одговорија дека нема шанса да се преселат од нивните простории.
-И покрај тоа што Управата за имотно-правни работи при Министерството за финансии, како и Агенцијата за катастар на недвижности дадоа негативни мислења на нивното барање и се во прилог на задржување на просториите од страна на Бирото за развој на образованието, ФИНКИ продолжува решението на сопствениот проблем да го бара во „преселување“ на друга институција, наместо да ги „притиска“ надлежните институции да им се доизгради започнатиот објект во Универзитетскиот кампус (или оној објект, исто така, наменет за нив, во кампусот на ПМФ) и трајно да го реши просторниот проблем, се вели во соопштението на Бирото за развој.