Објектите на автопатот Кичево – Охрид се реализирани 88 отсто, тунелите 93 проценти, а ископот на земјениот материјал со 83 проценти, изјави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Тој зборуваше на денешната собраниска седница на која пратениците со 78 гласа „за“ изгласаа новиот рок за изградба на делницата Кичево-Охрид да се донесе по скратена постапка. Претходно, Владата предложи по скратена постапка да се донесат законските дополнувања, односно новиот анекс на договорот со кинеската компанија „Синохидро“ за пролонгирање на рокот за завршување на изградбата на автопатската делница Кичево-Охрид. Според дополнувања што техничката влада ги утврди на седницата на 26 март, новиот краен рок до кога треба да бидат завршени градежните работи на автопатот Кичево-Охрид е предложено да биде 31 декември 2026 година.
-Предлагаме како Влада по скратена постапка, согласно членот 170 од Деловникот за работа на Собранието да се продолжи рокот за реализација на проектот за изградбата на автопатот Кичево-Охрид од причина што овој Закон со кој е донесен и се гради овој автопат не е обемен и се работи за Закон со кратка содржина. Законот не повлекува дополнителни финансиски импликации, рече Бочварски од собраниската говорница.
Причините за пролонгирање на рокот за завршување на делница се 13 нови свлечишта, за што е потребно ново проектирање и технички решенија.
-Според добиените дописи и мислења од страна на надзорот и ФИДИК-експертот кој беше ангажиран од страна на ЈП за државни патишта и Владата прогресот на работите е 83,84 проценти, со што се предлага Владата да предложи до Собранието продолжување на рокот за реализација на овој проект. Причините за продолжување на рокот за реализација на овој проект се добро познати за јавноста, поради појавувањето во најголем дел на 13 нови свлечишта на самата траса за кои е потребно дополнително проектирање, технички решенија со цел да се решат пропустите во техничката документација коишто се појавија при реализацијата на овој проект, рече министерот за транспорт и врски.
Зошто, не беа предвидени овие свлечишта порано, и зошто се даваше уверливи ветувања (токму од него и тогашниот премиер Ковачевски) дека градбата на легендарно долго градениот пат ќе заврши на крајот од 2023 година – не беше објаснето.