Осомничениот преставувајќи се лажно како вработен во АНБ и посредник во исплата на долг на 54-годишниот управител на фирмата му вршел притисоци и се заканувал по неговиот и по животот на членовите на неговото семејство.
Едно лице е осомничено дека претставувајќи се лажно како вработено во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) со уцени и закани успеало од управител на фирма да изнуди пари, накит и автомобили во вредност од 180 000 евра, соопшти Јавното обвинителството на Република Северна Македонија.
Како, што информираа оттаму утрово, Основото јавно обвинителство Скопје отворило истрага против осомничениот, чиј идентитет не е наведен, и го товари за кривичните дела изнуда и лажно претставување, според членовите 258 и 391 од Кривичниот закони.
-Во период од 14.12.2023 до 05.04.2024 година, пријавениот лажно се претставувал како службено лице – вработен во Агенцијата за национална безбедност и со сериозни закани присилил едно оштетено лице да му даде пари, накит, автомобили и други добра во вкупен износ од околу 180.000 евра, се вели во соопштението на Обвинителството.
Во краткиот опис на делата за кои се товари, од Јавното обвинителството наведуваат дека осомничениот преставувајќи се лажно како вработен во АНБ и посредник во исплата на долг на 54-годишниот управител на фирмата му вршел притисоци и се заканувал по неговиот и по животот на членовите на неговото семејство. На овој начин тој во повеќе наврати од жртвата зел парични средства, три автомобили, два мобилни телфони, златни престени и друг накит.
На предлог на јавниот обвинител, кој го води случајот, судија на претходна постапка на осомничениот му одредил притвор од 30 дена, поради опасност од бегство, можност да ја попречува кривичната постапка преку влијание врз сведоци, како и веројатност дека ќе ги повтори делата.