Македонија во деновите кога го „живее“ својот подем и благодет доби опомени од светски институции дека не и врви добро работата. Чудно!?
Во деновите кога властите на митинзи ни кажуваат дека многу направиле за Македонија и дека се е подобрено во земјава, прво – американската организација „Фридом Хаус“ во својот извештај за минатата година ја окарактеризира земјава како „цикличен хибрид“, која назадува во својот демократски развој, а истиот ден и „Светската банка“ во својата економска анализа не закотви на дното од земјите во регионот.
Па како е ова можно? Каде странците згрешија во пресметките? Не ги слушаат ли бројните настапи на министрите и на партиските лидери од владеачката коалиција?
Еве што рекоа од „Фридом Хаус“:
– Северна Македонија страдала од назадување во примената на принципот на владеење на правото и попуштила пред упорната корупција на високо ниво, додека политичките партии влегле во конфронтација во врска со уставните амандмани наложени од бугарското вето што ги попречува напорите на државата да влезе во Европската унија, изјави Александра Карпи, која е една од двајцата изработувачи на извештајот.
Од „Светска банка“ истакнаа дека со раст од 1 отсто во 2023 година сме зад петте земји во Западен Балкан, а на дното со раст од 2,5 проценти ќе бидеме и годинава според проекциите.
-Замрзнувањето на цените на храната се краткорочна, а не структурна мерка која може да се користи на долг рок. Со неа само привремено, вештачки, одржувате некое ценовно ниво кое не ги отсликува реалните производни трошоци и реалните текови во економијата. Наместо замрзнување на цените, треба да се обезбедат подобро платени работни места, да се зголеми конкуренцијата во малопродажниот сектор и да се произведува повеќе храна дома, отколку што се увезува, порача економистот на СБ Јоана Маџоска на презентацијата на редовниот Економски извештај за Западен Балкан.
Ги слушнаа овие две укажувања македонските министри? Ќе им го повторат ли барем она што на сите нас во Македонија ни го кажуваат – дека работите одат во добар правец? Нека се корегираат малку странците во оценките.
Сепак, шегата на страна. И без укажувањето на посочените странски институции на јавноста и е јасно колку „колку е часот“. Македонија се движи во погрешен правец.
За да се смени правецот кон вистинската насока, треба да се прикочи со празните ветувања и објаснувања дека добро се работело. Не е доволно тоа што нашите државни раководители секојдневно повторуваат дека се за ЕУ, дека не внеле во НАТО, дека…
А „колку е часот“, граѓаните ќе кажат на денот на изборите.