Утрово во Хрватска почна спроведувањето на парламентарните избори на кои право на глас имаат над 3.771.000 избирачи во земјата и во странство. Главни конкуренти се владеачката десничарска партија ХДЗ и социјалдемократкста партија СДП.
Актуелниот премиер од ХДЗ Андреј Пленковиќ е во потрага по трет последователен мандат за претседател на владата додека СДП, раководена од Пеѓа Грбин се обидува да извојива победа на левичарските и прогресивни партии по цели 8 години порази на парламентарни избори.
Во изборната трка се вклучи и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ којшто се приклучи на матичната партија СДП, но поради функцијата, Уставниот суд на Хрватска му забрани предизборни активности и директно кандидирање за премиер.
Хрватска има Парламент познат како Сабор кој има 151 пратеник. 140 пратеници се бираат во 10 изборни единици во Хрватска. Осум пратеници се бираат преку малцинските листи во една изборна единица на цела територија на државата. Иште тројца пратеници се бираат во хрватската дијаспора.
Анкетите покажуваат предност на владеачката ХДЗ, но и раст на СДП во однос на претходните избори. Свои листи со бројки кои ветуваат влегување во парламентот имаат и две големи десни конзервативни партии (МОСТ и Татковинско Движење) како и повеќе партии на левицата (Можемо, Фокус, Работнички фронт, Истраски демократски сојуз).