Ова е почеток на ново време, мислам дека ја научивме лекцијата. Треба да сториме се за да покажеме дека од секогаш сме биле дел до Европа, Горда сум на граѓаните. Не само на оние кои гласаа за мене, туку и на останатите, порача вечерва кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.
Таа истакна дека резултатот на изборите е инспиративен за неа.
-Овој резултат е неверојатно инспиративен за мене, она што го ветив, тоа и ќе го остварам, од првиот ден. Доаѓа вториот круг, јас со должна почит ќе се натпреварувам со противкандидатот, истото го очекувам од другата страна, рече таа.
Силјановска –Давкова потсети дека во кампањата постојано повикувала на владеење на правото.
-А уште повеќе повикував на потребата за единство во оваа држава. Јас ќе соработувам со партијата која ме поддржа, но ќе соработувам и со опозицијата и со невладиниот сектор. Ќе покажам и ќе докажам дека сум таму заради Македонија, дека сакам да бидат на мене горди, бидејќи јас ќе го докажувам тоа, дека Македонија мора да биде слична на останатите демократски држави, да биде стандардна, да биде едно посакувано пристојно место за политички натпревар и за било каков натпревар, нагласи таа.
Според неа, треба да ги инспирираме граѓаните, да ги увериме дека вреди да се учествува на избори.
-Вреди да се чуе дека сум горда на граѓаните, а без граѓани нема Македонија. Кога велам граѓани, јас не ги делам на Македонци, Срби, Турци, Албанци, според тоа дали се за мене или против мене, јас знам дека претседателка на држава мора да биде натпартиска личност, да слуша, да докажува, да инспирира, да го исполнува тоа што го ветила. А јас ветив дека знаењето води кон авторитет, дека треба да ги инспирираме најумните и најспособните, зашто само тие можат да ја направат Македонија горда. Постојано повикував на владеење на правото, а уште повеќе на потребата за единство во оваа држава. Македонија мора да биде слична на останатите демократски држави, да биде стандардна, да биде едно посакувано пристојно место за политички натпревар и за било каков натпревар. Тоа значи Македонија. Не може да биде само моја, туку мора да биде на сите нас, изјави Силјановска-Давкова.