Резултатите од првиот круг на изборите не се такви како што очекувавме, истакна вечерва актуелниот претседател на Македонија, Стево Пендаровски и кандидат на коалицијата предводена од СДСМ за втор мандат.
– Бројките сè уште се движат и пресметуваат. Од она што го знам од аналитичкиот центар, најверојатно разликата ќе биде околу 130.000 гласови меѓу мене и кандидатката Силјановска Давкова. Очекувавме помалку, меѓутоа од утре е нов ден и се разбира дека почнуваме со средби со граѓани кои и практично почнуваме од нула, рече Пендаровски.
Тој посочи дека во првиот круг имало седум кандидати како никогаш досега, па според него гласовите се распределени на повеќе страни.
– Кандидатите кои отпаднаа во првиот круг зедоа дел од гласовите кои ние ги сметавме како електорат на кандидатите кои продолжуваат понатаму. Повторувам, тргнуваме од нула, тргнуваме од почеток од утре продолжуваме со средбите со граѓани. Мојата задача ќе биде како минатите 20 денови да го промовирам концептот во кој длабоко верувам. Концепт на држава која не е изолирана, која е интегрирана во Европа и држава која нема внатре поделби, нешто што го практикувам повеќе од две децении во мојата кариера, изјави Пендаровски.
Тој рече дека во вотриот круг очекува уште поголем одзив.
-Нема да барам договор со другите кандиати за механичко префрлување на гласовите. Никогаш не сум го правел тоа, ниту сега планирам, за да механички преземам од било кого. Едноставно на сите граѓани ќе им го презентирам мојот концепт. Ќе одбијам било каков обид за нудење на квантум на гласови – тоа би било големо понижување на граѓаните, кажа Пендаровски.