По завршување на денешниот школски ден започнува пролетниот распуст. Оваа новина е воведена од оваа учебна година. Имено, учениците од основните и средните училишта од понеделник, 29 април, заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на распуст.
Да, ова е нешто ново во образованието. Да, ова е дел од силната реформа што ја форсираат властите. Но што е со другите цели кои си ги постави Владата околу образованието?
Еве дел од нивната програма за работа:
-Владата ќе развива квалитетно образование достапно на сите, образование кое ќе создава кадри кои ќе размислуваат логички и критички и ќе донесуваат заклучоци базирани на факти и анализи… Во наредниот период, продолжуваме со реформата во основното образование, во отворен процес и со согледување на ставовите и позициите на сите активни чинители во него, со подготовка на нови материјали за учење, алатки, нагледни средства како и обучување на наставниот и стручниот кадар во училиштата…, пишува во владината програма.
Се постигна ова? Имаше годинава доволно учебници, нагледни средства, добри програми за работа…?
Дали ова со распустот е највидливото од реформата за која инаку сите релевантни образовни институции во Македонија реагираа дека не е добра и треба да се доработи? Тогашната министерка Мила Царовска ги занемари укажувањата уверена дека прави силна реформа во која беше дури и предлогот да ги снема учебниците, се да оди електронски, па да снема некои наставни предмети, па…
Еве, сега тоа се надогради и ќе има распуст. Тој е за учениците. А во министерството и во разните Бироа и институти за развој на образованието треба да поработат – како понатаму.
Мора да се увиди дека не е дојдена работава до распустите – други се проблемите што треба попрво да се решаваат. Потребни се програми. Потребна е нов концепт кој нема да се прави во тесен круг на луѓе, треба…
Ова мора да биде приоритет и на победниците на скорешните парламентарни избори.
Во образованието учениците треба да прават експерименти, а не политичари да прават експерименти со образованието. Инаку, ќе го гледаме следново во училиштата – се менува формата, ама не и суштината.