Фармацевтска компанија „АстраЗенека“ објави дека ја повлекува вакцината против Ковид-19. Британско-шведската фирма ова го стори неколку месеци откако пред судот во Лондон призна дека вакцината може да предизвика ретки и опасни несакани ефекти, пренесува Макфакс.
Вчера, Европската агенција за лекови (ЕМА) објави дека вакцината повеќе не е одобрена за употреба.
Вакцината повеќе не може да се користи во Европската унија, откако компанијата доброволно го повлече одобрението за ставање во промет. Барањето за повлекување на вакцината беше поднесено на 5 март и стапи на сила во вторник. Слични пријави ќе бидат направени во наредните месеци во Велика Британија и други земји кои ја одобриле вакцината, позната како „Вакзеврија“.
„АстраЗенека“ соопшти дека вакцината е отстранета од пазарот од комерцијални причини и дека повеќе не се произведува или испорачува, бидејќи е заменета со ажурирани вакцини кои се ефикасни против новите соеви на Ковид-19, пренесува британски „Телеграф“.
„Ваксеврија“ е под интензивна контрола во последниве месеци поради редок несакан ефект, кој предизвикува згрутчување на крвта и низок број на тромбоцити во крвта.
За потсетување, против оваа компанија беше поднесена колективна тужба во Велика Британија. Во неа се тврди дека нејзините вакцини „Ковид-19“ предизвикале сериозна болест или смрт. Во тужбата, поднесена според Законот за заштита на потрошувачите на Обединетото Кралство, се вели дека вакцината е „неисправна“ бидејќи е помалку безбедна отколку што луѓето имале право да очекуваат, јави Би-Би-Си.