Кога посериозно ќе се решава проблемот со бездомните кучиња во Скопје?

Во полициска станица Гази Баба граѓанин пријавил дека на улицата „Лазар Поп Трајков“ бил каснат од куче скитник, во полициска станива во Карпош граѓанка пријавила дека на Средно Водно била касната од бездомно куче… Вакви примери како овие од пред некој ден станаа редовни во дневните полициски билтени. Практично, скоро и да нема ден, а во Скопје да нема вакви инциденти.

Се работи ли доволно од страна на надлежните институции овој проблем да се намали – реши?

А проблемот долго трае. Со години жителите на македонската метропола се изложени на напади од агресивно бездомно животно.

Глутници кучиња, помали или поголеми, веќе се „одомоќени“ во повеќе скопски населби. Да, поголемиот дел од кучињата се мирни, но еден дел водени со своите инстинкти си ги одбележуваат териториите на кои се снаоѓаат како да преживеат но и на кои неретко, предизвикани или не, ги напаѓаат и повредуваат граѓаните. Бројот на тие случаи е веќе преголем за да работите и натаму се остават како досега – полузаинтересирано.

Неодамна од скопското јавно претпријатие „Лајка“ истакнаа дека на подрачјето на Скопје има повеќе од 5.000 бездомни кучиња. Од нив, само половина биле стерилизирани што значи дека останатите може да се размножуваат. Тоа е премногу за капацитетот на оваа установа чиј капацитет е околу 150 кучиња коишто го поминувата третманот на стерилизација и кои потоа се враќаат на улица. Останатите кучиња, се додека не бидат фатени од нивните заловувачи се размножуваат што значи дека бројката постојано се зголемува и станува преголема за „Лајка“ која не добива доволно финансии од скопските општини.

Голем проблем е тоа. А ако се додаде и се позабележителната појавата во Скопје да се носат и оставаат кучиња од други градови, тогаш алармот за тревога треба да е влкучен на најсилно.

Што чекаат од Град Скопје? Скопските општини ќе се заангажираат ли за решавање на проблемот?

Активностите и помошта од неколку граѓански здруженија, од волонтери за заштита на животните е добредојдена, но таа не помага многу.

Сигурно дека работата на „Лајка“ мора да продолжи, но на ова претпријатие ми е потребно доекипирање, проширување и постабилно финансирање. Воедно, мора да се најде начин да се казнува неодговорното сопствеништво на кучиња, но и да се најде начин да се спречи носењето на кучиња од други градови на скопско подрачје.

Нека се прават и нови планови за решавање на проблемот. Тоа е неопходно и за доброто на скопјани, а и за доброто на бездомните животни кои исто така не ретко се на удар.

 

Претходна вестАпасиев: Прво нè игнорираа, нè исмеваа, па нè напаѓаа, а сега ни се плашат!
Следна вестТревата ја обрасна Владата не знаејќи дека Џафери и Арсовска имаат проблем