Шефот на главната кадровска управа на Министерството за одбрана на Русија, Јуриј Кузњецов, е уапсен под сомнение дека примил големо мито, изјави официјалниот претставник на Истражниот комитет на Русија, Светлана Петренко.
-Главната истражна управа на Истражниот комитет на Русија поведе кривична постапка против шефот на кадровската управа на Министерството за одбрана на Русија, Јуриј Кузњецов. Тој е осомничен за примање голем поткуп, рече Петренко, пренесува Макфакс.
Според информациите на истрагата, Кузњецов во периодот 2021 – 2023 година кога бил на чело на Осмата управа на Генералштабот примил поткуп од претприемач за „извршување одредени дејства во нивна корист“.
При претресот кај генералот биле пронајдени пари во вкупен износ од над 100 милиони рубли во разни валути (околу милион долари), златници, колекционерски часовници и луксузни предмети.
На Кузњецев судот му определи мерка притвор.
Медиумите потсетуваат дека во април беше уапсен заменик-министерот за одбрана на Русија, Тимур Иванов, под сомнение дека примил поткуп, пренесува „Спутник“.