Мерки за претпазливост му се изречени денеска на Иџет Мемети од страна на судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје. До ова дојде по предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција бидејќи Мемети е второосомничен во истрагата поврзана со примање награда за противзаконито влијание за што веќе информираа од ОЈО.
-По денешното произнесување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и ценење на фактите и доказите во прилог на ОЈО ГОКК, донесе решение со кое предлогот се уважува. На осомничениот му се опредлуваат мерки за претпазливост од чл. 146 ст. 1 т. 2 и 3, односно обврска на осомничениот повремено да се јавува на определено службено лице во судот и одземање на патната и друга исправа за напуштање на државната граница, како и забрана за издавање нова. Мерките важат до правосилноста на постпаката, а против ова решение странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд, извести Кривичниот суд.
Мемети е осомничен за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“, за кое првоосомничениот врховен судија Наќе Георгиев на 21 мај доби 30 дена притвор. Георгиев и Мемети се осомничени дека му ветувале на синот на осудениот ексградоначалник Боро Стојчев дека за 10.000 евра ќе му помогнат на татко му во друга истрага што исто така се води во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Иџет Мемети во два мандата (16 години) беше Народен правобранител. Кратко беше без функција, па се најде веднаш на една од најголемите во правосудството – член на Советот на јавни обвинители, како истакнат правник, изгласан од парламентарното мнозинство.
Тој денеска, на излегување од судот, изјави дека не видел докази за предметот.
-Друго не би сакал да зборувам и мислам дека е добра работа затоа што е од мој интерес и од интерес на јавноста ова побрзо да се заврши. Обвинителката не ми презентираше докази за предметот, изјави Мемети за медиумите.
Истакна дека целата ситуација го погодува како човек, но посочува дека не е добро да зборува пред медиумите за нешто што се води по судски пат. Мемети уверува дека ќе биде докажано дека не сторил ништо противзаконски.
За неговиот однос со врховниот судија Наке Георгиев, тој изјави дека ги познава сите обвинители и судии и дека се дружи со нив и пие кафе.
-За предмети не сме разговарале, дециден е јавниот обвинител.