Со посета на базиликата „Свети Климент“, каде се наоѓа гробот на Свети Кирил и на базиликата „Санта Марија Марџоре“ денеска во Рим продолжува посетата на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Рим, Сиљановска Давкова ја предводи државно-црковната делегација во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, а денеска во базиликата „Свети Климент“ традиционално како и секоја година ќе се одржи молебен на гробот на Свети Кирил. Молебенот ќе го водат митрополитот Дебарско-кичевски, Тимотеј и митрополитот Европски, Пимен.
По молебенот, претседателката и делегацијата во базиликата „Санта Марија Маџоре“ ќе положат венец на спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј.
Поклонението на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе” во Рим првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на свети Кирил, и оттогаш секоја година на 24 Мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.
За попладнево е предвидена средба на Сиљановска – Давкова со нејзиниот италијански колега, Серџо Матарела.