Македонскиот алпинист Здравко Дејановиќ, кој при искачувањето на врвот Лотце на Хималаите имал проблеми од здравствена природа, е надвор од животна опасност, објави вчера попладне на Фејсбук, Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ).
– Во врска со искачувањето на врвот Лотце од страна на Здравко Дејановиќ, ве известуваме дека на барање на неговото семејство, досега не излеговме со официјални информации. Воедно, ве информираме дека во текот на искачувањето се појавиле проблеми од здравствена природа, и дека, во моментов Здравко е надвор од животна опасност. Одржуваме контакт со неговото семејство и во периодот кој следи ќе има повеќе информации директно од Здравко или од нас. Замолуваме за етика и воздржаност од споделување на непотврдени информации. Ви благодариме однапред на разбирањето, се наведува во објавата на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.
Завчера се појавија неофицијални ФБ објави дека Дејановиќ при искачувањето на Лотце, четврти највисок врв на Хималаите, се здобил со измрзанатите на рацете и со хеликотер бил пренесен во тамошна болница.
Од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија вчера не сакаа да дадат официјално соопштение, и најавија дека за случајот ќе информираат само преку својата ФБ страница.
Лотце е врв на хималајскиот масив висок 8.516 метри на граница меѓу Непал и Кина и е четврти по височина во светот. Тој е еден од најтешките врвови за освојување.
Здравко Дејановиќ, инаку, во 2010 – та годдина го освои највисокиот врв во светот Монт Еверест.