Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк вчера попладне ја усвои Резолуцијата за Сребреница. За усвојување гласаа 84 земји, 19 беа против, а 68 воздржани.
Документот го прогласува 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница, го осудува негирањето на геноцидот, како и глорификацијата на воените злосторници.
Предлагачи се Германија и Руанда, со поддршка од околу триесет земји коспонзори.
Антје Лендерсе, претставничката на Германија во ОН, повика пред гласањето земјите да ја поддржат резолуцијата, нагласувајќи дека таа „не е насочена против никого, особено не против Србија“.
-Тоа е насочено исклучиво против извршителите на геноцидот, рече Лендерсе, додавајќи дека „сите етнички заедници страдаа за време на војната“ и дека целта е „да се признаат сите жртви“.
Македонија беше земја коспонзор на предлогот да се донесе резолуцијата на иницијатива на министерот во заминување Бујар Османи.
Резолуцијата не помина „мазно“. Претставниците на 84 земји гласаа за усвојување на резолуцијата, меѓу кои и Македонија, 19 држави беа против, а 68 воздржани, Меѓу тие што гласаа против се Унгарија, Русија, Кина, Белорусија, Бразил… Меѓу возджаните се Грција, Кипар, Словачка, Индија, Бразил, Мексико…
Официјален Белград се спротивстави на усвојувањето, тврдејќи дека на тој начин српскиот народ ќе биде прогласен за „геноциден“, додека во Сараево тоа го нарекуваат можност за продолжување на помирувањето.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во своето обраќање повтори дека Србија „подеднакво жали за жртвите од сите страни“, но и праша зошто таа реченица ја нема во резолуцијата.
-Знаеш зошто ја нема? Затоа што тие не мислат така, изјави Вучиќ.
Резолуцијата за Сребреница, како што наведе, нема да донесе помирување во регионот, туку ќе ја „отвори Пандорината кутија“ и ќе следат десетици барања за слични резолуции за прашањето за геноцидот.
-Овде не се работи за помирување и не се работи за спомени, ова е нешто што само ќе отвори стари рани и што ќе создаде политички хаос, не само во нашиот регион, туку и пошироко.
Во јули 1995 година, припадниците на Армијата на Република Српска (ВРС) убиле повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња во Сребреница, место во денешна Република Српска (РС), еден од двата ентитета на Босна и Херцеговина (БиХ).