Државниот испитен центар утре на стручен колегиум ќе одлучува како оценувачите ќе постапат при оценување на вчерашниот испит по мајчин јазик, објави денеска Канал 5. Претходно, оваа телевизија објави дека матурантите и вчера масовно препишувале од Вибер група. Директорката на центарот Билјана Михајловска објаснува дека првиот чекор ќе биде одредување на прецизни правила за оценувачите во случаите каде ќе констатираат дека ученикот препишувал, по што тие тестови ќе бидат поништени.
-Она што ние прво ќе го направиме во ДИЦ ќе одлучиме со колегите коишто се стучни за соодветните наставни предмети и коишто се координатори практично на оценувањето, да ја одредиме прецизната постапка за констатирање на преписот од страна на оценувачите, коишто ќе треба да ни предложат поништување на испитот, за ние како ДИЦ да го поништиме испитот на тој одреден ученик за кој што оценувачот ќе ни покаже дека имало препис, изјави Билјана Михајловска, директорка на Државен испиен центар.
Во однос на санционирање на тестаторите кои евентуално толерирале препишување, од ДИЦ велат дека доколку добијат доказ за тоа ќе ги известат надлежните институции. Михајлоска најави и состанок со МОН, каде дополнително би се договориле и други мерки насочени и кон останатите инволвирани лица во процесот на полагање државна матура.