Само досега потврдените апанажи на поранешните пратеници ќе ја чинат државната каса над 600.000 евра. Велиме досега бидејќи рокот за поднесување на барања за апанажа трае до 28 јуни, а право на апликација имаат вкупно 57 пратеници од минатиот состав, реагира денеска партијата „Левица“.
Во соопштението се наведува дека собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, до сега, на најмалку 29 пратеници од минатиот парламентарен состав им одобрила да земаат апанажа во траење од една година, која е во висина на платата на пратениците, а истата ја исплаќа Собранието.
-Покрај енормно високите плати, надоместоците за патни трошоци, бифето кое служи по набавни цени и многу други привилегии, правото на апанажа претставува уште еден доказ дека пратениците се најпривилегираните работници во државава. Наспроти нив обичниот работник одвај врзува крај со крај и не му се почитуваат и оние малку права кои му се законски загарантирани, се наведува во соопштението.
Партијата ја потсетува јавноста дека на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата единствено пратеникот на Левица, Борислав Крмов, гласаше против доделување на апанажите.
-Исто така, политичката партија „Левица“ уште во 2022 година поднесе закон за укинување на апанажата за избраните и именуваните функционери како и предлог закон за воведување на апанажа за работниците. И двата закони кои беа експресно одбиени од страна на широката буржујска коалиција СДС-ДУИ-ДПМНЕ-ВЛЕН, се наведува во соопштението.