Во прегратките на своите родители, вчера по шест месеци престој на скопската Клиника за гинекологија, на одделението за интензивна нега и терапија (ОИНТ), во стабилна состојба и со телесна тежина од 2400 грама дома си замина уште едно предвреме родено бебе.
Озан е роден на 20 декември 2023 година во 24 гестациска недела со тежина од само 690 грама и со должина од 33 сантиметри.
-Безмалку половина година оваа екстремно прематурче се бореше заедно со лекарите, медицинските сестри и со акушерките и на наша огромна радост херојски ги надмина сите препреки, од кои некои не беа воопшто лесни. Му посакуваме среќно детство, многу радости да внесе во животот на своите родители и низ животот да се бори со истиот жар што го покажа уште од првиот миг од своето раѓање, велат од Клиниката.
Од тука додаваат дека Озан и другите предвремено родени бебиња секојдневно преку борбата за живот покажуваат што значи храброст и колку е вреден животот, со што на медицинскиот персонал му даваат сила да го издржи секој нов ден.