Жителите на Ново Лисиче се жалат на неподнослива смрдеа што доаѓа од Вардариште

Поплаки за неподнослива смрдеа што доаѓа од поранешната градска депонија Вардариште од изутринава упатуваат жителите на скопската населба Ново Лисиче во рамките на општина Аеродром. Тие на социјалните мрежи објавуваат и фотографии на кои што се гледа како населбата утринава е прекриена со чад што доаѓа од тој правец. На Фејсбук – групата „Општина Аеродром – Пријави проблем“ тие ги повикуваат надлежните да преземат нешто бидејќи состојбата станува неиздржлива.

-Неподнослива смрдеа на отров во Ново Лисиче што доаѓа од Вардариште. Пријавено во полиција и пожарна во 2.30 по полноќ. Општина Аеродром превземете нешто, апелира еден граѓанин во свој коментар.

Жителите укажуваат дека куќите се обвиени со маглив чад, а смрдеата на изгорено се вовлекува во домовите и становите. Тие додаваат дека причината за чадот е запаленото ѓубре на Вардариште.

-Иато е сабајлево и во паркот позади „Лук Оил“ и становите ни корнат на горено, а истото се случи и во понеделникот навечер. Одвратно, пишува граѓанин потпишан како Зоран.

Овој проблем е постојано присутен последниве години. На подрачјето на поранешнбата депонија Вардариште често се случува палење на отпадни материјали чиј чад потоа се шири кон Ново Лисиче. Надлежните органи само повремено ги откриваат лицата кои го палат отпадот, а што не го запира загадувањето.

Инаку, Центарот за управување со кризи утринава соопшти дека на просторот на поранешната депонија Вардариште имало запалени гуми и ниска вегетација.

-Пожарникарите интервенирале за гаснење во Гази Баба кај депонија Вардариште (гореле гуми и ниска вегетација, а опожарена е површина од еден хектар), соопшти ЦУК.

Претходна вестСообраќајот тековно, без застои и задржувања на граничните премини
Следна вестСредба на претседателката Сиљановска Давкова со германскиот претседател Штајнмајер