Фатмир Лимани е кандидат за министер за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши за министер за економија и труд, а Седат Сулејмани е кандидат за заменик-министер за култура и туризам. Ова се членовите на три ресори во идната влада од редовите на Движењето Беса, дел од коалицијата „Вреди“.
Од Беса вечерва соопштија дека Собранието на партијата едногласно ги избрало овие кандидати за членови на новата влада. Нивните имиња официјално треба да бидат изгласани и во парламентот.
Оттаму посочија и дека на состаноткот се разговарало за приоритетите и заложбите на партиските кадри во идната влада, при што едногласно, како што се вели во соопштението од Беса, било утврдено дека партиските претставници во Собранието и во извршната власт без компромис ќе се посветат на триете најприоритетни точки од владината програма, како борба против криминалот, реализација и имплементација на условите за интеграција на земјата во Европската Унија и економски развој на државата.