ФФМ: Го осудуваме националистичкото навредување на македонската држава на ЕП и бараме јавно извинување од Даку

Фудбалската федерација на Македонија го осуди навредувањето кон Македонците од страна на албанскиот репрезентативец, Мирлит Даку кој по вчерашниот натпревар против Хрватска скандалозно скандираше и испраќаше пцовки кон Македонците. Денеска ФФМ излезе со реакција во која го осуди таквото однесување, побара јавно извинување, но исто така е испратен и допис до УЕФА.

-Ја изразуваме нашата длабока загриженост и недвосмислена осуда во врска со националистички скандирања од Мирлинд Даку, репрезентативец на Албанија, насочени против македонската држава по завршување на вчерашниот натпревар Хрватска – Албанија од Европското првенство. Однесувањето е неприфатливо и спротивно на основните вредности на спортскиот дух и меѓусебното почитување што ги промовира фудбалот. Спортот, особено фудбалот е основа за здржување на луѓето од различна национална припадност и средина за соработка и почит. Националистичката реторика, сепак, ги поткопува овие принципи, поттикнувајќи поделба и непријателство меѓу навивачите и општествата. Принципите на политичка неутралност се вградени во регулативите на меѓународните асоцијации како што се ФИФА и УЕФА. Фудбалската федерација на Македонија за ваквото скандалозно однесување ќе прати официјален допис до УЕФА. Го повикуваме фудбалерот на Албанија, Мирлинд Даку јавно да се извини за своето однесување, препознавајќи ја штетата што ја предизвика, се наведува во реакцијата на ФФМ.

Фудбалската федерација на Македонија, исто така, ги повикува релевантните институции да го истражат овој инцидент и да преземат соодветни дисциплински мерки за зајакнување на стандардите на однесување што се очекуваат од сите спортисти.

-Нашата посветеност за промовирање единство, почит и фер игра во спортот останува на прво место, потенцира ФФМ.

Претходна вестУтре свечено отворање на 45-то издание на фестивалот Скопско лето со ексклузивен концерт
Следна вестМицкоски предложи законски измени за да не се дозволи драматично зголемување на цената на струјата