Заврши Светско јуниорско првенство во ракомет за жени: Титулата за Франција, Македонија одличен организатор

Со триумф на репрезентацијата на Франција, вчера во Скопје заврши 24-тото Светско јуниорско првенство во женска конкуренција, во рамки на кое учествуваа 32 селекции и беа одиграни 116 натпревари во СЦ „Борис Трајковски“ и СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

Во финалниот меч денеска Франција со 29:26 ја победи Унгарија и дојде до златниот медал, додека бронзата ја освоија младите ракометарки на Холандија, кои во малото финале ја победија Данска со 34:28.

Франција на ова Светско првенство првпат стана младински шампион, во својата колекција на медали имаше само еден, сребрен од младинскиот Мундијал во Чешка (2012).

Холандија со победата над Данска од 34:28 од Скопје си замина со бронзен медал. Холанѓанките и на минатиот младински Мундијал го освоија третото место, тогаш ја победија Шведска со 31:20.

Женската ракометна репрезентација на Македонија го заврши младинското Светско првенство (СП) во Скопје на 16-тата позиција. Македонија У20 ја мина првата фаза со победи над САД и Ангола, а загуби од Исланд. На стартот на втората фаза, ремизиравме со Португалија, а потоа следеа порази од Црна Гора, Јужна Кореја и Кина.

Срдечни честитки за успешната организација и за одличната спортска атмосфера беа упатени од страна на првиот човек на Светската ракометна федерација, Хасан Мустафа.

– Одлично поставените организациско-инфраструктурни капацитети, пријателскиот прием на ракометарките, тренерите и официјалните лица, како и верните ракометни навивачи, се пример за страстна ракометна нација, но и за способност да се испорача спортско доживување од светски калибар. Другарството и спортскиот дух, се најверодостоен доказ за инклузивниот дух на спортот што нé обединува сите нас, истакна Мустафа.

Свој збор имаше и претседателот на РФМ, Живко Мукаетов кој порача:

-Би сакал да се заблагодарам на сите кои беа вклучени во овој проект: вредните волонтери, бројните спортски работници, тимот во Федерацијата, партнерите од доверба, медиумите, нашите поддржувачи – сите кои веруваа дека можеме да се износиме со уште еден ваков голем проект. Се надевам дека оваа заемна доверба, соработка и силното спортско партнерство, ќе продолжат да се надградуваат и во иднина, истакна Мукаетов.

Ова беше 10-ти јубилеен настан од висок ранг во организација на ова раководство на РФМ, со организирани 6 европски и 4 светски првенства, од кои 9 во младинска и 1 во сениорска конкуренција.

 

Претходна вестОд денеска струјата по нова, минимално зголемена цена
Следна вестФилипче најави обнова и обединување во СДСМ, Петровска порача дека партијата е заробена