Македонија е на петто место по одлив на мозоци, губитокот на таленти е алармантен, предупреди Државниот завод за ревизија по спроведеното скенирање на ефективноста на мерките што требаше да спречат заминување на високообразовниот и стручниот кадар.
Според извештајот на ИОМ за 2020 година, Македонија се наоѓа во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светската Банка, речиси 40 отсто од високообразовниот кадар ја има напуштено државата, а според Индексот на одлив на мозоци на Global Esopoty, РСМ е на високото петто место (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти
Според податоците на Државниот завод за статистика бројот на македонски граѓани кои заминале во странство во периодот 2013-2022 година изнесува 7.861 лице. Податоците за образовната структура на лицата кои ја напуштиле државата покажуваат дека во периодот 2015-2022 година од земјата емигрирале вкупно 719 високообразовани лица.
Во текот на ревизијата беше ангажиран експерт кој изврши студија/истражување чии проценки покажуваат дека во периодот 2013-2021 година од државата просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу 5 милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошила 44,7 милијарди денари, односно околу 725 милиони евра.
Одливот на високообразовани кадри има сериозен ефект врз бруто домашниот производ (БДП), со проценети 0,8 отсто од БДП на годишно ниво. Сепак, вкупниот ефект на опортунитетниот трошок, вклучувајки го изгубениот БДП кој не е генериран заради емиграцијата, се проценува на 5,15 проценти од БДП на годишно ниво. Доколку се додаде реално изгубената инвестиција во образование за овие кадри, што во просек изнесува 3,19 отсто од БДП годишно, вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34 проценти од БДП на годишно ниво.
Ревизорите укажуваат дека недостатокот на активна стратегија за управување со високообразовни кадри во државата уште повеке ја зголемува загриженоста. По истекувањето на периодот на важност на Националната Стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри од 2013 до 2020 година, државата нема стратешки документ за борба против одливот на квалификувани кадри.
Според добиените податоци од мегународните организации и земјите на прием, бројот на македонски граѓани коишто престојуваат во странство се зголемува со забележителна стапка.