Најавеното распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители е директно мешање во независноста на судската власт, изјави денеска евроамбасадорот Дејвид Гир на Конференција за напредокот во спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет.
Тој посочи дека доколку тоа се случи ќе предизвика сериозна загриженост кај Европската унија. Гир истакна напорите за засилување на владеењето на правото не треба да бидат направени на начин, на кој, како што вели, би ги нарушил принципите на поделба на властите.
-На пример, распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, ќе значи мешање во независноста на судската власт и ќе биде прашање за сериозна загриженост. Исто и за идејата за раздвојување на Академијата за судии и обвинители, институција која сметаме дека треба да служи како гарант за меритократија и непристрасност во судството, рече Гир.
Евроамбасадорот во своето обраќање истакна дека потребно е да се продолжи со брзи внатрешни реформи, како и да се потиснат обидите за мешање од страна на политичките структури. Тој бара целосно спроведување во пракса на препораките на Оценската мисија.
– Јасно е што треба да се прави, да се продолжи со брзи внатрешни реформи треба. Ова значи, како што реков, целосна имплементација на препораките од Оценската мисија, Патоказот за владеење на правото и Стратегијата за правосудниот сектор. Ова значи надградба на некои од позитивните колективни чекори на кои бевме сведоци во последните шест месеци и значи потиснување на обидите за мешање од политички или деловни интереси, рече Гир.