Филков – Вал: Поддршка за реформите, јавна расправа за сите закони кои ќе се носат

Министерот за правда Игор Филков оствари средба со амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Се разговараше за тековните проекти на ОБСЕ со Министерството за правда, актуелните случувања во однос на реформите во правосудниот систем и законодавната агенда.

Министерот Филков му се заблагодари на амбасадорот Вал за одличната и интензивна соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје во областа на правосудството, особено во процесот на подготовка на новиот Кривичен законик и новиот Закон за кривична постапка.

Исклучително е значајно што Мисијата на ОБСЕ во Скопје овозможи превод на англиски јазик на новиот Кривичен законик, а истото ќе биде сторено и со Предлогот на ЗКП со цел да бидат доставени за мислење до Европската комисија.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје беше активно вклучена и во подготовката на Развојната Секторска Стратегија за правосудството 2024-2028, како и во работните групи формирани од Министерството за правда за подготвување на законските измени за Судски совет и за јавно обвинителство.

Се планира за сите споменати закони да се отвори широка јавна дебата и расправа со цел јавноста да биде запознаена со понудените решенија, кои дури потоа ќе влезат во постапка за нивно донесување.

На средбата се дискутираше и за активностите кои во наредниот период треба да ги преземе Министерството за правда, како и идните планови кои ќе треба да се реализираат со цел да се зајакне владеењето на правото во државата.

Претходна вестКисела Вода ги реконструира улиците „Баница” ,„Кратовска” и три крака на „Мариовска”
Следна вестЗа хаосот во ЈСП одговорен е директорот од СДС и нивниот коалиционен Данела, велат од ВМРО-ДПМНЕ