Пожарите не стивнуваат, формиран регионален кризен штаб за пожарите со седиште во Кавадарци

Не стивнуваат пожарите низ Македонија. Гори главно непристапен терен, а општините бараат помош во гаснењето од воздух.

Поради активен пожар на регионалниот пат Неготино – Штип, кај село Пепелиште, утрово сообраќајот е во прекин за сите видови возила, во двата правца.

Формиран е регионален кризен штаб за пожарите во државата со седиште во Кавадарци. Со него ќе координира кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Ова е одлуката што синоќа била донесена на координативен состанок за пожарите, одржан во Неготино. За седницата информираше градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, преку својот фејсбук профил.

Како што наведува, учествувале министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, командирите на ТППЕ и градоначалниците од општините кои се зафатени со критичните пожари. Во борбата со огнената стихија на терен се распоредени пожарникари, припадници на АРМ, МВР, воздухоплови испратени од нашите пријателски земји и нашите капацитети, се вели во статусот на Ѓеорѓиевски.
Директорот на центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов ги повика градоначалниците да го преземат својот дел од обврските при гаснењето на пожарите.

Тој синоќа се сретна со градоначалниците во погодените подрачја да ги потсети на обврските кои ги имаат за поуспешно справување со огнената стихија.

Претходна вестТриста припадници на АРМ ќе помагаат во гаснењето на пожарите
Следна вестСредба на претставници на Царинската управа и на Асоцијацијата Макам Транс на ГП Табановце