Градоначалникот Коњановски со иницијатива пожарникарите да бидат наградени

На првата следна седница на Битолскиот Совет градоначалникот Тони Коњановски ќе поднесе иницијатива, за доделување награда за вработените во Територијалната противпожарна единица, за нивното особено залагање и максимално ангажирање во гаснењето на пожарите што ја зафатија Битола.

-Од првите кризни моменти на теренот, кога започна пожарот во понеделникот попладне на ридовите над обиколницата, сите припадници на Територијалната противпожарна единица Битола, максимално, деноноќно, беа постојано на терен и работеа напорно да се стави пожарот под контрола, иако временските прилики воопшто не беа на нивна страна. Со повеќекратни налети на канадерите, испратени како државна помош од страна на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, големиот пожар сепак беше ставен под контрола, но, пресудно беше присуството на пожарникарите на теренот, кои продолжија да се борат на нови опожарени локации, заедно со постојаната поддршка на јавните претпријатија и граѓаните, кои индивидуално и преку разни здруженија, максимално помогнаа да се стабилизира состојбата, без да имаме катастрофални последици. Кризниот штаб постојано ја следеше состојбата на терен и со заемна координација, се делуваше во сите можни насоки – вели за иницијативата градоначалникот Коњановски.

Тој упати и благодарност за поддршката на битолчани, донаторите на вода и храна, волонтерите од доброволните друштва кои паралелно со пожарникарите се бореа против огнената стихија.

-Тука беа дел од Чкембарите, мотокрос друштва, Доброволното противпожарно друштво „Архангел“, волонтери, па дури и младиот Митат кој цела вечер со мотокрос носел вода за пожарникарите и доброволците. Млади битолчани, самоиницијативно со своите теренски возила, помагаа при достава на храна и вода. Тука и е битолчанецот Васко Михалчев, кој беше дел од пилотите кои го гаснеа пожарот од воздух, медиумите, и сите останати кои покажаа голема пожртвуваност – додава градоначалникот Тони Коњановски, образложувајќи ја иницијативата за доделување награда за околу 40-тина вработени во Битолската Територијална противпожарна единица.

Претходна вестТуристичката населба Претор без вода за пиење, одговорност мора да има, велат од партијата Левица
Следна вестПожарникарите спасиле 12 лица од лифт наменет за тројца во Велес